Македонија

Судијата Ѓоко Ристов негира вина за пронајдените 350.000 евра

Судијата Ѓоко Ристов негира вина за пронајдените 350.000 евра

Во Кривичниот суд денеска започна судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, во врска со случајот со 350.000 евра кои беа пронајдени скриени во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино.

На стартот од постапката, Ристов изјави дека не се чувствува виновен за делата што му се ставаат на товар.

Според обвинението, станува збор за непријавени и неевидентирани 350.000 евра, пронајдени заѕидани во кујната на семејниот дом. Парите биле спакувани во 13 одделни пакувања и скриени во шуплини меѓу циглите во ѕидот на една од просториите.

До откривањето на парите, како што наведуваат од истрагата, дошло по претходен случај во кој адвокатот Фехмо Стафа бил фатен при примање 50.000 евра. Тој во својата изјава навел дека парите биле наменети за посредување со влијание врз апелациски судија за укинување на мерка притвор.

Претходно заврши постапка и против поранешен државен правобранител и адвокат, кој призна вина дека побарал 100.000 евра и примил 20.000 евра за посредување.

Од Обвинителството соопштија дека, иако адвокатот бил фатен „ин флагранти“ со дел од парите од поткупот, биле преземени дополнителни истражни дејствија. При претрес на 18 јануари 2026 година, во домот на родителите на судијата во Неготино биле пронајдени вкупно 350.000 евра, за кои, како што се наведува, тој не приложил доказ за потекло и не ги пријавил.

Адвокат на обвинетиот е Ѕвонко Давидовиќ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни