Судењето за случајот „Онкологија“, во кое се обвинети поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и уште двајца лекари за несовесно лекување пациенти, продолжи денеска во Основниот кривичен суд Скопје со вкрстено испитување на техничкиот советник на Обвинителството, Милан Ристески.
Техничкиот советник на Обвинителството Ристески, одговарајќи на вкрстени прашања од одбраната на Драган Јакимовски, рече дека вештачењето е од 26 јануари 2024 година, а најголемите дел се медицински досиеја на пациенти од Клиниката за Онкологија кои биле лекувани и се дадени на вештачење во странство – во Словенија и Србија.
Прашан дали е сигурен дека тоа што селектирал за вештачење било со целокупната медицинска документација за тие лица, вештакот рече да, но, посочи дека „тоа што е спакувано и како не знам“, зошто, како што рече, пакувањето не го правел.
Прашан дали во документацијата дадена за вештачење имало и пациенти на други доктори, вештакот рече да, за документацијата што тој ја имал.
Судот го задолжи вештакот во рок од 15 дена да достави писмено известување во врска со прашањето дали постои техничка грешка во изготвените извештаи која се однесува на имиња на доктори или терапија кои се внесени во налогот и заклучокот од извештаите кои се презентирани.
Претходно денеска вештакот одговараше на вкрстени прашања од одбраната на обвинетата Симонида Црвенковска, кои се однесуваа на препораките од Администрација за храна и лекови на САД (ФДА), Американско здружение за клиничка онкологија (АСЦО) и Европско здружение за медицинска онкологија (ЕСМО) за лекарства и методи за лечење применувани од обвинетите.
– Препораките се жива и променлива категорија и се темелат на резултати од клинички студии, но и од стекнатите искуства на онкологот – посочи вештото лице.
Според вештото лице, препишувањето не делотворни лекарства довело до штета на буџетот. Адвокатот посочи дека обвинетата не е опфатена од тој дел на извештајот, што вештакот го потврди. Вештакот не можеше да потврди дали лекот ерлотиниб што бил даван бил донација или остаток од други пациенти.
Вештакот, исто така, одговори дека предмет на медицинското вештачење била оправданоста на даваните лекарства, а изворот на лекарствата не бил предмет.
Следното рочиште е закажано за 15 јуни, кога, како што беше најавено, Обвинителството ќе се обиде да обезбеди дел од неиспитаните предложени сведоци кои досега не можело да бидат обезбедени. Судот информираше дека се сослушани сите законски застапници и оштетени за кои располага со лични документи потребни за нивно повикување. Потоа треба да следува сослушување на техничкиот советник на одбраната.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози – Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката почна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина и судот ја осуди на две години условна казна затвор.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај вкупно 47 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба.
Случајот го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Марија Ѓоргева од ОЈО – Скопје.