Македонија

Ѓорѓиевски: Скопје се уредува до најситен детал – се обновува сигнализацијата и јавниот простор

Ѓорѓиевски: Скопје се уредува до најситен детал – се обновува сигнализацијата и јавниот простор

Градот Скопје спроведува интензивни активности за уредување на јавниот простор и подобрување на урбаната слика на градот, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Како што наведува тој, покрај големите капитални проекти кои го менуваат ликот на градот, паралелно се работи и на секој детал што значи поголем ред, безбедност и урбана култура.

Во тек е интензивно обележување на хоризонталната сигнализација, како и замена на дотраената вертикална сигнализација низ градските сообраќајници. Според градоначалникот, јасната и функционална сигнализација е клучна за побезбеден сообраќај и подобра организација на движењето на учесниците.

Покрај тоа, се поставуваат заштитни столпчиња долж булеварите со цел заштита на јавниот простор и спречување на непрописно паркирање на пешачките и велосипедските патеки.

„Узурпацијата на јавниот простор не смее и нема да биде пракса во Скопје“, порачува Ѓорѓиевски.

Паралелно се уредува и зеленилото кое е во надлежност на Град Скопје, а се чистат и одржуваат парковите, булеварите и другите јавни површини.

Во рамки на активностите, континуирано се чисти и коритото на реката Вардар, додека во Зоолошката градина се уредуваат пешачките зони и се подобрува инфраструктурата за посетителите.

Од Град Скопје посочуваат дека јавните претпријатија работат со полн капацитет, со цел, како што велат, Скопје да стане почист, поуреден и побезбеден град.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни