Владата денеска го усвои Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, информираат од Министерството за здравство (МЗ). Од ресорното министерство соопштија дека ова претставува важен чекор за јавното здравје и за создавање поздрав, побезбеден и поодговорен јавен простор.
„Законот е резултат на широк институционален процес, разговори со засегнатите страни, консултации со тутунската индустрија, угостителскиот сектор, надлежните институции, инспекциските органи, експертската јавност и со поддршка од Светската здравствена организација“, се наведува во официјалната објава на МЗ.
Една година грејс-период за угостителските објекти
Премиерот Христијан Мицкоски, по неодамнешниот завршен состанок со претставниците од тутунската индустрија и угостителскиот сектор, изјави дека очекува законот во најбрз можен рок да биде изгласан и во Собранието.
Новите правила ќе стапат во сила веднаш по носењето, со исклучок на одредбата која налага преадаптирање и пренамена на угостителските локали, за што е предвиден грејс-период од 12 месеци.
Компромисно решение за бизнис-секторот
Според премиерот, финалниот текст е компромис постигнат низ инклузивен процес во кој беа вклучени здруженијата, производителите, дистрибутерите, хотелиерите и сопствениците на ресторани и ноќни клубови.
Бизнис-заедницата изрази благодарност до Владата за партнерскиот пристап и за еднодишниот рок во кој ќе можат соодветно да ги преуредат терасите на своите објекти.
Клучни промени:
- Крај за „сивата зона“ на терасите: Се воведуваат прецизни, јасни и спроведливи критериуми за тоа како мора да изгледаат и да бидат адаптирани терасите каде што е дозволено пушењето.
- Ригорозни инспекции: Предвидени се строги контроли на терен за да се осигура целосно почитување на регулативата.
Представниците на извршната власт испратија јасна порака до еснафот дека по официјалното донесување на законот се очекува негова доследна примена на терен, при што децидно беше нагласено дека нема да има повластени објекти.