Купувачите во Македонија се речиси немоќни самите да проценат дали новата зграда во која инвестираат за да формираат семејство е безбедна или не, бидејќи клучните сигурносни параметри се сокриени зад малтерот. Уште поалармантно е што во градежниот сектор јавна тајна е лажирањето на лабораториските резултати за квалитетот на материјалите. Ова се дел од сериозните обвинувања што ги изнесе Професорот од Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски во продолжението од интервјуто на 4ТВ.
Професорот открива дека неговите претходни укажувања за небезбедни градилишта наидувале на игнорирање, па дури и на потсмев од страна на инволвираните во бизнисот.
„Пред три години на една соседна улица имаше идентичен случај со небезбедна темелна јама. Моите реакции беа игнорирани, па дури и со подсмев прифатени – во стилот ’што се мешам сега јас во работи што не ми се битни’. Но, природата на крајот самата докажува дека со неа нема игра и дека не трпи експерименти“, дециден е Марковски.
Купувачите се немоќни: Сè се купува „на хартија“
На прашањето како еден лаик (обичен граѓанин) кога купува стан може да биде сигурен во безбедноста на објектот, Марковски признава дека тоа е речиси невозможна мисија. Додека внатрешните естетски материјали и распоредот се видливи, она што ја држи зградата е целосна енигма.
- Високостручна материја: Проценката на конструкцијата бара остро инженерско око и големо знаење.
- Скриени мани: Никој од купувачите не знае како е вградена арматурата и дали воопшто ја има во потребната количина.
- Купување на слепо: Најголем дел од становите се продаваат уште во фаза на проект, кога објектот воопшто не е ни изграден.
Скандалозно: Се лажираат и резултати за квалитет на бетон
Најкритичната точка во колапсот на системот, според професорот, е свесното фалсификување на техничката документација со цел да се заштити профитот на инвеститорите, појава за која, како што вели, мора да се зборува отворено.
Лаборатории на хартија: Иако во Македонија постојат акредитирани лаборатории и на хартија сè изгледа идеално, праксата е поразителна.
Резултати по нарачка: Професорот отворено алармира дека во градежништвото е присутно лажирање на резултатите од испитувањето на квалитетот на бетонот — изведувачите можат да добијат „резултати какви што сакаат, а не какви што навистина се“.
Замачкување на дефектите: Доколку се јават пукнатини или сериозни грешки во бетонските елементи, тие едноставно се замачкуваат и се кријат, наместо да се изврши професионална санација на оштетеното.
„Сето ова се прави со единствена цел – да не трпи профитот. А парадоксот е што профитот во градежништвото е толку голем, што во него има повеќе од доволно простор за покривање на сите непредвидени трошоци и за доследно почитување на стандардите. Сепак, системот потфрла затоа што на градилиштата сè поретко има сериозни изведувачи со одговорни инженери и независен надзор кој би ги коригирал грешките во фаза на градба“, заклучува професорот Марковски.