Од просечен, но автентичен балкански град со свои вредности, Скопје со текот на годините почна да го менува својот урбан „генетски состав“, за време на транзицијата да се претвори во град без идентитет, каде што приватниот интерес, негрижата и корупцијата ја однесоа победата над јавниот простор. Ова го констатира професорот од Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, во продолжението од своето гостување во „Ноќно студио“ на „4ТВ“.
Професорот лоцира дека излегувањето од рамките на визионерскиот урбанистички план на Кензо Танге започнало уште пред осамостувањето на државата, но вистинскиот урбан „крешендо“ се случува во транзициските години.
Според Марковски, во годините на транзицијата целосно се заборавило на логичниот развој на градот, а просторот почнал да се третира исклучиво како извор на профит.
„Скопје стана како албум за филателија – станаа битни само ‘маркичките’ кои ќе бидат нацртани за да може да се земе одредена локација. Така Скопје стана град без идентитет, мешавина од сè и сешто. Дури и кога се правеа обиди да се изградат објекти од други епохи, тоа требаше да се направи стручно, а не да се импровизира со стиропори. Ако столбот е од мермер, треба да биде од мермер, а не од стиропор. Скопје едноставно ја изгуби трката со приватниот интерес и со корупцијата на оние кои требаше да го заштитат“, критикува професорот.
За да илустрира како Скопје е практично изманипулирано и измамено од институциите кои имале обврска да го штитат, Марковски како прв од трите примери ја посочи хронологијата на локацијата каде што се изгради комплексот „Лимак“.
„Ако ја погледнете хронологијата, ќе видите дека инвеститорот добива половина од централното градско подрачје за градба, само во замена за тоа да изгради подземна сообраќајница долга 700 и нешто метри. Во договорот беше наведено дека прво треба да се направи сообраќајницата, па дури потоа да се гради сè останато. Се разбира, од тоа не бидна ништо. Сообраќајницата градежнички можеби е изведена, но не верувам дека има инсталации. Фактот што на новинарите не им се дозволува да влезат и да снимаат внатре е крајно сомнителен“, потенцира Марковски.
Тој додава дека од инженерски аспект, оваа подземна улица не претставува никакво „градежно чудо“ за да се оправда отстапувањето на толку вредно земјиште во срцето на Скопје.
„Тоа е практично еден дел од паркинг простор со три ленти од едната и три од другата страна, низ кој влегувате и излегувате по 700 метри. Слично нешто, иако пократко, имавме и во Градскиот трговски центар (ГТЦ). Тоа не е некое големо градежно чудо за една фирма да добие таква ексклузивна локација, да изгради четири кули, хотели и трговски центри, да ги продаде и да ги сврти парите неколку пати, па дури сега да се размислува за довршување на подземната улица. Се поставува прашањето како се одредуваа приоритетите“, заклучува професорот Марковски, најавувајќи го „Сајмиште“ како следна локација за анализа.