Македонија

Еколошка бомба во „Скопјанка“: Фекалии ги поплавија подрумите, станарите стравуваат!

Еколошка бомба во „Скопјанка“: Фекалии ги поплавија подрумите, станарите стравуваат!

Подрумските простории на зградите во рамките на Трговскиот центар „Скопјанка“ во општина Аеродром се целосно поплавени со фекалии, објави порталот СДК.МК. Станува збор за деловни објекти во сопственост на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДПИСП), од кои дел се издадени, а дел се празни. Токму во празните простории се наоѓа препумпната станица која во моментов не работи, што предизвикува излевање на отпадните води.

Како што пренесува „Сакам да кажам“, станарите се загрижени за сопствената безбедност бидејќи во поплавените делови има струјни осигурувачи, па доколку водата дојде во допир со електричната енергија, постои сериозен ризик од струен удар или пожар.

„Со фекалии се поплавени неколку деловни простории бидејќи препумпната станица не работи. Бараме итна реакција од Општина Аеродром оти од Акционерското друштво не преземаат ништо. Ни велат ние, станарите, да сме го презеле одржувањето на подрумите кои се во нивна сопственост“, изјавиле револтираните граѓани за СДК.МК.

Од друга страна, директорот на државното Акционерско друштво, Јован Лукаров, тврди дека одржувањето на препумпната станица не е исклучиво нивна одговорност. За СДК.МК тој изјавил дека веќе им предложил на инспекторите од Општина Аеродром трошоците за санација и одржување да се поделат процентуално.

„Препумпната станица е за сите во зградите… Како што за лифтот во зградите плаќаат сите, така треба и за овој случај. Тоа е заеднички интерес“, вели Лукаров за СДК.МК. Додека институциите и граѓаните си ја префрлаат одговорноста, во објектот се шири неподнослива смрдеа, а здравјето на станарите останува загрозено.

Извор/ФОТО: СДК.МК

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни