Македонија

Љутков става крај на партиските вработувања во културата: Има театри со по 50 актери каде едвај 15 застануваат на сцена

Љутков става крај на партиските вработувања во културата: Има театри со по 50 актери каде едвај 15 застануваат на сцена

Министерството за култура и туризам ја заврши комплетната ревизија на работењето на претходното раководство и сите констатирани недостатоци и сомнежи за злоупотреби веќе ги препрати до надлежните правосудни институции. Ова го потврди ресорниот министер Зоран Љутков во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, одговарајќи на прашањето дали поранешната министерка ќе ги врати парите во буџетот за направените трошоци.

„Кога преземате буџет од речиси 5 милијарди денари, мора да знаете од каква позиција тргнувате. Наша должност беше да направиме ревизија на сè што се правело и сите забелешки да ги испратиме до надлежните институции. Како понатаму ќе постапува судот, тука ние веќе немаме ингеренции“, изјави Љутков.

Уметниците не се виновни, крив е системот што дозволил превработеност

Во однос на јавните дебати за потребата од воведување реаудиции за актерите, музичарите и уметниците кои со години земаат плата, а воопшто не се појавуваат на сцената, Љутков смета дека вината не треба да се бара кај нив.

„Тука не се криви уметниците, туку системот кој овозможил превработување во одредени институции, додека други останале без соодветен кадар. Јас отсекогаш сум се противел на принципот на реаудиции. Ако како држава воведете реаудиција, вие всушност јавно признавате дека со години со државни пари сте плаќале луѓе кои не се појавиле на сцена. На оние кои работат, реаудиција не им е потребна“, дециден е министерот.

Наместо реаудиции, Љутков најави нов закон, нов модел и функционална анализа на сите национални установи со која точно ќе се дефинира потребниот кадар за исполнување на годишната програма.

„Ако во еден театар се потребни 20 актери за да се заврши програмата, тие ќе бидат ангажирани во текот на целата година. Ние сега имаме институции со по 50 актери, каде ниту 15 или 20 не можат да дојдат на ред да се појават на сцена. Тоа значи дека некој вработувал повеќе отколку што е потребно. Веќе ја имаме анализата во која точно ќе се дефинира колку суфлери, испициенти, администрација и актери се потребни за секоја куќа. Ќе ја затвориме таа рамка и во иднина нема да има повеќе ширење на систематизациите“, заклучи Љутков.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни