Македонија

Историски успех на дипломатијата: Македонија со 174 гласа избрана во Економскиот и социјалниот совет на ОН

Историски успех на дипломатијата: Македонија со 174 гласа избрана во Економскиот и социјалниот совет на ОН

Македонија првпат од осамостојувањето е избрана за членка во Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации (ЕКОСОК), едно од водечките и највлијателни тела на ОН, за периодот 2027–2029 година. Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени оваа одлука како огромен успех за државата и за македонската дипломатија, откривајќи дека изборот е донесен со високи 174 гласа „за“.

Според претседателот на Владата, ваквиот исход во Њујорк е директна потврда дека земјата може да ниже сериозни меѓународни успеси кога се работи стратешки и со јасно зацртани цели.

„Ова е признание за трудот на нашата активна дипломатија и за довербата што ја градиме со меѓународните партнери. Изборот е доказ дека државата може да постигнува врвни резултати кога работи плански и сериозно“, потенцираше премиерот Мицкоски.

Тој потсети дека овој успех не е изолиран инцидент, туку дел од еден континуиран позитивен тренд на зајакнување на македонските позиции на глобалната сцена. Во изминатиот период, државата веќе обезбеди членство во Советот за човекови права на ОН, како и во Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје. Влезот во ЕКОСОК, според Мицкоски, е дефинитивен доказ дека присуството на Македонија во клучните меѓународни организации станува сè посилно, поважно и повидливо.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни