Николовски за „4ТВ“: Функционерот за антикорупција два месеци не оди на работа, а зема плата, додека државата губи милијарди од ЕУ
РРедакција|
Пратеникот и поранешен вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, во интервју за „Ноќно студио“ на 4ТВ направи паралела меѓу неговиот некогашен ангажман во Владата и сегашната состојба во ресорот за добро владеење и антикорупциски политики.
Николовски потенцираше дека последните конкретни и позитивни напредоци во борбата против корупцијата биле нотирани во извештаите на Европската унија токму во периодот кога се воспоставуваше неговиот тогашен кабинет. За разлика од тогаш, тој тврди дека денес во овој сектор владее целосен неработење.
„Ние тогаш имавме јасен План за борба против корупцијата, кој денес во владините приоритети воопшто го нема. Срамно е што денеска функционерот кој е задолжен за ова портфолио — за борба против корупцијата и добро владеење — веќе два месеци не оди на работа, а редовно си зема плата“, обвини Николовски.
„Никогаш не му се јавив на обвинител или судија, се боревме со системски закони“
Одговарајќи на забелешката на водителката дека и покрај неговите тврдења за успешни политики, граѓаните на изборите покажаа незадоволство од правниот систем, Николовски појасни каде лежи улогата на извршната власт.
„Како вицепремиер за борба против корупцијата, моја работа не беше да се мешам во конкретни предмети. Јас во мојот мандат никогаш немам свртено телефон ниту на еден јавен обвинител, ниту на судија. Наша задача беше да воспоставиме политики и закони. Мојот тим беше иницијатор за носење на Законот за граѓанска конфискација и Законот за потекло на имот, кои денес се во примена“, рече тој.
Како клучни системски успеси од тој период, Николовски ги издвои:
Воведувањето на активна транспарентност за стотици институции кои беа обврзани јавно да ги објавуваат трошоците, платите и угостителските услуги.
Кратењето на привилегиите на министрите и директорите, како и професионализацијата на управните одбори.
Воспоставувањето на Регистарот на вистински сопственици.
Обезбедувањето на двојно поголем буџет и соодветни простории за ДКСК, како и кадар за Обвинителството за организиран криминал, со што целосно беа исполнети препораките на ГРЕКО.
Тој потенцираше дека младите денес не се незадоволни толку од платите, колку од нефункционирањето на системот и бавноста во испораката на правдата. Токму затоа, неговиот кабинет мапирал 121 закон за дигитализација и за првпат ја вовел интероперабилноста (директно поврзување на институциите) за да се елиминира човечкиот фактор во корупцијата.
„Без ЕУ нема модернизација на земјоделството — нè чекаат 1,1 милијарда евра“
Свртувајќи се кон прашањето за европскиот пат и критиките за прифаќањето на францускиот предлог, Николовски децидно изјави дека Македонија нема друга алтернатива освен полноправно членство во ЕУ, бидејќи само така ќе се воспостави систем каде што нема да одлучува „партиската книшка“.
Тој ја критикуваше реториката на актуелната власт, која ја нарече парадоксална.
„Актуелната власт постојано се фали дека сме биле втора, трета или петта економија во Европа. Па ако сме толку силна економија, како тоа не можат да најдат пари за да ги исплатат тутунопроизводителите, сточарите и поледелците? Вакво доцнење и застој никогаш немало“, истакна поранешниот министер.
Николовски со конкретни бројки ја илустрираше штетата од блокираниот европски пат, ставајќи акцент на инвестициите во земјоделството. Тој појасни дека во моментов, националната програма за рурален развој (набавка на трактори, механизација и добиток) тежи скромни 20 милиони евра.
„Доколку ги отвориме вратите на ЕУ и ги искористиме фондовите, во седумгодишниот буџет за поддршка на македонското земјоделство нè чека една милијарда и 100 милиони евра. Не велам дека сè ќе биде ‘мед и млеко’, но ние друг излез немаме. Жалосно е што сегашната власт сее лажен страв кај народот и не тера да чекаме во место“, заклучи Николовски.