Свет

Пукање во училиште на Филипините: Тројца убиени

Пукање во училиште на Филипините: Тројца убиени

Најмалку тројца загинаа, а уште петмина се повредени при редок случај на пукање во училиште во централниот дел на Филипините, соопшти полицијата.

Инцидентот се случил околу 9 часот наутро во Националната гимназија „Сан Хосе“ во градот Таклобан, во провинцијата Лејте. Полицијата сè уште го утврдува мотивот за нападот.

„Жртвите веднаш беа префрлени во најблиските здравствени установи за лекување и неопходна медицинска помош“, се наведува во соопштението на регионалната полиција.

Државната телевизија ПТВ објави дека биле уапсени двајца осомничени – и двајцата ученици – при што едниот бил задржан на самото место на настанот. „Полицијата на Филипините (ПНП) веќе ги приведе осомничените. Реагираа брзо“, изјави портпаролката на претседателот Клер Кастро, цитирана од АФП.

Иако ваквите инциденти во училишта се ретки на Филипините, насоченото насилство со огнено оружје е постојана појава во провинциската политика.

Во 2022 година тројца лица, меѓу кои и поранешен градоначалник, беа убиени при пукање непосредно пред церемонијата на дипломирање во универзитетот „Атенео де Манила“ во главниот град Манила. Подоцна беше утврдено дека станува збор за атентат, мотивиран од „лични причини“.

Законското поседување оружје е строго регулирано во оваа југоисточна азиска земја, но и понатаму постои голем црн пазар за огнено оружје.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни