Свет

Разорни земјотреси во Венецуела: Потреси од 7,2 и 7,5 по скалата на Рихтер урнаа згради во Каракас

Разорни земјотреси во Венецуела: Потреси од 7,2 и 7,5 по скалата на Рихтер урнаа згради во Каракас

Серија исклучително силни земјотреси го погодија северното крајбрежје на Венецуела во средата навечер (24 јуни 2026 година). Според Геолошката служба на Соединетите Држави, цитирана од Ројтерс и Асошиејтед прес, првиот потрес бил со прелиминарен магнитуд 7,2, а само 40 секунди подоцна следел уште посилен главен потрес со магнитуд 7,5. Сеизмолозите наведуваат дека ова е најсилниот регистриран земјотрес во земјата во последните 125 години.

Епицентарот на главните потреси бил локализиран во северниот дел на земјата, во близина на општините Вероес (сојузна држава Јаракуј) и Монталбан, на длабочина меѓу 10 и 22 километри. Иако епицентарот се наоѓа десетици километри од главниот град Каракас, силното тресење било почувствувано низ целата земја, како и во соседна Колумбија, на оддалеченост поголема од илјада километри.

Во Каракас настана паника и илјадници жители излегоа на улиците. Министерот за внатрешни работи на Венецуела, Диосдадо Кабељо, потврди за алармантни ситуации и сериозни оштетувања во квартовите Алтамира и Лос Палос Грандес, каде што има срушени станбени згради и банкарски филијали. На многу места во главниот град и во сојузната држава Карабобо електричното напојување и телекомуникациите беа целосно прекинати. Официјално е соопштено за повеќе повредени граѓани кои се пренесуваат во болниците, но точниот број на жртви сè уште се утврдува. Локалниот аеродром претрпе материјални оштетувања, поради што сите летови беа привремено запрени. Властите апелираа до возачите да ги ослободат сообраќајниците за да се обезбедат брзи коридори за возилата на итната помош и спасувачките екипи.

Веднаш по потресите Тихоокеанскиот центар за предупредување од цунами издаде итна тревога за крајбрежните зони на Венецуела, Аруба, Бонаир и Кјурасао, како и за Порторико и Девственските Острови. По околу еден час, по анализа на промените на нивото на морето, предупредувањата беа официјално укинати. Властите ги предупредија жителите да останат на отворено во наредните часови поради висок ризик од силни вторични потреси, кои може дополнително да ги урнат веќе компромитираните објекти.

https://www.facebook.com/watch/?v=1671378214085028

Набргу потоа Европско-средоземноморскиот сеизмолошки центар соопшти за земјотрес со магнитуд 6,9 по скалата на Рихтер крај источниот дел на јапонскиот остров Хоншу. Не беше издадено предупредување за цунами по овој потрес, јави Бугарското национално радио.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни