Студентите сместени во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид веќе шести ден се без електрична енергија, а ниту раководството на домот, ниту Министерството за образование и наука досега не излегоа со информации или решение за проблемот.
Според сведочењата на студентите, причината за прекинот на струјата повторно се неплатени сметки.
Ова е само продолжение на состојбата за која Студентарија реагираше и претходно. Во февруари годинава, во овој студентски дом беше прекинат пристапот до електрична енергија повеќе од 30 часа, повторно поради три неплатени сметки.
Од пред неколку недели, пак, студентите во „Никола Карев“ – Охрид немаат пристап ниту до топла вода, а како привремено решение добија клучеви од само три соби во домот кои имаат бојлери за да можат да се истушираат. Сега, поради прекинот на електричната енергија, нема вода ниту во тие простории, па студентите останаа и без единственото решение што им беше понудено.
Дополнително, студентите реагираат и на квалитетот на храната што ја добиваат. Според нивните информации, за ручек најчесто добиваат леб, паштета, зденка и сокче, додека за вечера им се служат конзерва туна или говедски нарезок. Во период кога веќе се соочуваат со сериозни проблеми со условите за живот, ваквата исхрана само дополнително го потврдува ниското ниво на грижа за студентскиот стандард.
Во екот на испитната сесија, студентите се приморани во домот да учат и да се движат со свеќи.
Апсурдот е уште поголем ако се знае дека утре е последниот ден за престој во студентските домови. Наместо академската година да ја завршат во достоинствени услови, студентите ги пакуваат своите работи во дом без струја, без можност нормално да ги користат основните услови за живот.
Особено загрижува фактот што и покрај тоа што проблемот трае со денови и за него е јавно алармирано, нема никаква официјална реакција ниту од раководството на домот, ниту од Министерството за образование и наука. Нема објаснување што е причината за прекинот, нема рок кога ќе биде отстранет дефектот, ниту информација што се презема за студентите кои сè уште престојуваат во домот.
Студентите не бараат луксуз. Бараат струја, вода, пристојна храна и достоинствени услови за живот. Тоа не се привилегии, туку минимум што државата е должна да им го обезбеди!