Трошоците за живот во Македонија во јуни годинава бележат намалување во однос на претходниот месец, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Падот на цените изнесува 0,5 отсто, што претставува месечна дефлација.
Најголемо намалување на трошоците е регистрирано кај транспортот, каде цените се намалиле за 1,6 отсто во споредба со мај. Намалување има и кај храната и безалкохолните пијалаци, кои поевтиниле за 1,1 отсто.
Од друга страна, дел од производите и услугите во јуни бележат поскапување. Најголем раст има кај рекреацијата, спортот и културата, каде цените се зголемиле за 1,4 отсто.
Поскапување од 0,5 отсто е евидентирано кај личната нега, социјалната заштита и разновидните стоки и услуги. Кај покуќнината, опремата за домаќинствата, редовното одржување на домовите, како и кај рестораните и услугите за сместување, цените пораснале за 0,3 отсто.
Дополнително, раст од 0,2 отсто има кај здравствената заштита и кај информациите и комуникациите, додека облеката и обувките поскапеле за 0,1 отсто.
Во групите алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, образованието, како и осигурителните и финансиските услуги, цените останале на исто ниво како во мај.
И покрај месечното намалување, на годишно ниво инфлацијата и понатаму останува позитивна. Според Државниот завод за статистика, трошоците на животот во јуни 2026 година се повисоки за 3,4 отсто во споредба со истиот месец минатата година.
Истовремено, индексот на цените на мало бележи годишен раст од 3,6 отсто, додека индексот на цените на мало во јуни во однос на мај изнесува 99,2.