Кредибилитетот што Северна Македонија го гради како докажан и одговорен сојузник во НАТО треба паметно да се искористи за решавање на билатералните предизвици и одблокирање на евроинтегративниот процес, порача Радмила Шекеринска во ексклузивно интервју за 4tv.mk реализирано на Самитот на НАТО во Анкара, Турција.
Одговарајќи на прашањето колку блокираната евроинтеграција и бугарското вето можат да ги загрозат односите меѓу два сојузници во рамките на НАТО, Шекеринска истакна дека Алијансата директно не навлегува во билатерални теми меѓу сојузниците, но нагласи дека македонската позиција на иста маса со најмоќните држави е огромна предност.
„Во оваа Алијанса сите сме еднакви. Кредибилитетот кој го создаваме во НАТО и влијанието како рамноправна членка секогаш даваат можност да се зборува за одреден проблем на пријателски или сојузнички начин. И тоа секој ден треба да се користи“, изјави Шекеринска.
Таа посочи дека исполнувањето на обврските кон НАТО испраќа силна слика и до Европската Унија.
„Кога кажуваме дека испорачуваме и дека тоа што сме го ветиле го реализираме, тоа нè претставува во многу зрело светло кога ќе погледнат и членките на Европската Унија. Билатерално се покажува дека станува збор за сериозна и одговорна држава. Како држава која тешко ги поминувала овие чекори, тоа мораме паметно да го искористиме“, заклучи Шекеринска.