Најмоќната воена алијанса во светот нема да дозволи рускиот претседател Владимир Путин да ја оствари својата цел преку исцрпување на западната поддршка за Киев. Ова е главната порака која произлегува од одлуките донесени на собирот на лидерите, а ја пренесе Радмила Шекеринска во ексклузивно интервју за 4tv.mk реализирано на Самитот на НАТО во Анкара, Турција.
Зборувајќи за континуираната финансиска и воена помош што сојузниците ја издвојуваат за одбрана на украинската државност, Шекеринска истакна дека тоа не е само симбол на солидарност со украинскиот народ, туку директен инструмент за притисок врз Москва.
„Клучната порака е дека Путин не може да очекува дека ние ќе се предадеме и дека Украина ќе мора да крене раце поради тоа што нема да има поддршка. Нашата цел е со ваквите пораки да обезбедиме шанси за вистински преговори. Преговори кои ќе обезбедат долгорочен мир“, децидна е Шекеринска во интервјуто за 4tv.mk.
Мир што ќе го стабилизира континентот, а не пауза пред нова војна
Таа објасни дека милијардите кои се издвојуваат за воена помош и воздушна одбрана се наменети токму за да се принуди Русија да седне на преговарачка маса. Сепак, Алијансата е категорична дека евентуалниот мир не смее да биде реприза на минатото.
„Тоа нема да биде како во 2014 година – крај на една епизода, а потоа почеток на уште поголема војна. Туку тие преговори ќе бидат основа за мир кој ќе го стабилизира целиот континент“, порачува Шекеринска.
Земјите-членки на НАТО, како што нагласи таа, се целосно свесни дека доколку меѓународната заедница почне да ја наградува агресијата кон соседите, следниот пат тој проблем ќе затропа на вратата на некој од сојузниците. Затоа, НАТО останува доследен на својата основна ДНК – да функционира како одбранбен сојуз кој бескомпромисно ја штити безбедноста на своите членки.