Македонија

ИЈЗ предупредува: Климатските промени го зголемуваат ризикот од болести што ги пренесуваат комарци и крлежи

ИЈЗ предупредува: Климатските промени го зголемуваат ризикот од болести што ги пренесуваат комарци и крлежи

Зголемените температури, промените во животната средина, но и сè поголемото патување и трговија придонесуваат за ширење на преносливи болести во нови региони и за подолго траење на периодот во кој тие се активни. Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) предупредуваат дека поради овие фактори расте ризикот од појава и ширење на вектор-преносливи заболувања.

Од ИЈЗ апелираат граѓаните да бидат информирани и внимателни, особено во периодот на летните одмори, кога поголем број луѓе патуваат во земји каде одредени инфекции се почести.

Вектор-преносливите заболувања претставуваат сериозен јавно-здравствен предизвик. Тие сочинуваат повеќе од 17 проценти од сите заразни болести во светот и годишно се поврзуваат со над 700.000 смртни случаи.

Овие инфекции најчесто се пренесуваат преку убод од заразени комарци, крлежи, песочни мушички и други вектори, а можат да бидат предизвикани од вируси, бактерии или паразити.

Во Македонија се регистрираат заболувања како лајмска болест, инфекција со вирусот на Западен Нил, хеморагични трески, лајшманиоза и туларемија. Воедно, постои можност за внесување и појава на случаи на заболувања како денга, Зика, чикунгуња и маларија преку лица кои патуваат во ризични подрачја.

Западнонилска треска – најголем ризик во летниот период

Од ИЈЗ посочуваат дека вирусот на Западен Нил најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец од родот Culex. Птиците се природен резервоар на вирусот, додека луѓето и коњите се случајни домаќини.

Кај околу 80 проценти од заразените лица инфекцијата поминува без симптоми. Кај дел од пациентите може да се појават температура, главоболка, болки во телото и мускулите, замор, гадење, повраќање и осип.

Во ретки случаи може да дојде до сериозни невролошки компликации, особено кај постари лица и лица со ослабен имунитет.

Во Македонија повремено се регистрираат лабораториски потврдени случаи на Западен Нил, најчесто во летниот и есенскиот период, кога активноста на комарците е најголема.

Денга, Зика и чикунгуња – ризик при патување

Денгата, Зика и чикунгуњата се вирусни заболувања кои најчесто се пренесуваат преку комарци од родот Aedes, меѓу кои и азискиот тигрест комарец.

Кај денгата најчести симптоми се висока температура, силна главоболка, болки во мускулите и зглобовите, болка зад очите, гадење и осип. Во потешки случаи може да дојде до крварење и оштетување на органите.

Во Македонија досега нема регистрирано локално пренесување на денга, Зика или чикунгуња, но се забележани увезени случаи кај лица кои престојувале во ендемски подрачја.

Кај вирусот Зика посебно внимание се посветува на бремените жени, бидејќи инфекцијата за време на бременоста може да предизвика сериозни последици за плодот.

Маларијата и понатаму е опасност во одредени земји

Маларијата е паразитарно заболување кое се пренесува преку убод од заразен женски комарец од родот Anopheles. Без навремено лекување може да предизвика сериозни компликации и смртен исход.

Најголем ризик од тешка форма на болеста имаат малите деца, бремените жени, постарите лица и лицата со намален имунитет.

Во Македонија маларијата е елиминирана како автохтона болест, но повремено се регистрираат случаи кај лица кои престојувале во земји каде таа е присутна.

ИЈЗ со препораки за заштита

За намалување на ризикот од убоди и зарази, ИЈЗ препорачува:

да не се остава застојана вода во дворови, канти, буриња и стари гуми каде можат да се размножуваат комарци;

редовно чистење на олуци и одржување на базени и фонтани;

користење репеленти, заштитни мрежи на прозорци и врати;

носење светла и долга облека која го покрива телото;

избегнување престој на отворено во периодите кога комарците се најактивни;

информирање за здравствените ризици пред патување;

вакцинација против заболувања за кои постои препорачана вакцина, како жолта треска;

консултација со лекар за превентивна терапија при патување во ризични подрачја.

Од ИЈЗ дополнително потсетуваат дека ризикот не се однесува само на комарците, туку и на болестите кои ги пренесуваат крлежите и песочните мушички, поради што е потребна дополнителна внимателност при престој во природа и патувања во региони каде овие вектори се присутни.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни