Македонија

Две кумановки осомничени дека измамиле 19 лица и подигнале над 10 милиони денари кредити

Две кумановки осомничени дека измамиле 19 лица и подигнале над 10 милиони денари кредити
Фото: 4news.mk

Две жени од Куманово се лишени од слобода под сомнение дека преку злоупотреба на лични податоци на 19 лица аплицирале за брзи потрошувачки кредити и незаконски присвоиле повеќе од 10 милиони денари.

Од СВР Куманово информираат дека денеска (15.07.2026) биле приведени А.С.Д. (22) и М.В. (34), против кои е поднесена кривична пријава.

За 22-годишната А.С.Д. постојат сомненија за сторени кривични дела „измама“ и „злоупотреба на лични податоци“, додека М.В. е пријавена поради сомнение за „помагање“ при извршувањето на делото.

Според полициските сознанија, првопријавената во периодот од јануари до јули 2026 година, со однапред подготвен план, во 19 одделни случаи ги довела во заблуда оштетените лица, прикажувајќи лажни факти и прикривајќи ја вистинската намера.

Без нивна согласност и овластување, таа наводно ги користела нивните лични податоци за аплицирање за брзи потрошувачки кредити. По одобрувањето и исплатата на средствата, парите биле присвојувани од страна на двете пријавени лица.

Од полицијата наведуваат дека М.В., според пријавата, по претходен договор ѝ помагала на А.С.Д. со преземање активности кои овозможиле реализација на измамата.

Со ваквите дејствија, двете осомничени се стекнале со противправна имотна корист во вкупен износ од 10.820.000 денари.

Случајот понатаму ќе се процесуира пред надлежните органи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни