Македонија ја потврди својата посветеност кон зајакнување на меѓународната безбедност и борбата против современите форми на политички мотивирано насилство. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во Вашингтон учествуваше на Министерската средба за спротивставување на политички мотивираниот тероризам, чиј домаќин беше државниот секретар на САД, Марко Рубио.
На средбата учествувале министри и високи владини претставници од повеќе од 60 земји, кои разговарале за развојот на заканите поврзани со политички мотивираниот тероризам, како и за можностите за продлабочување на меѓународната соработка.
Муцунски посочи дека современите безбедносни предизвици бараат подобрена размена на информации, посилни институции и координирано дејствување меѓу државите.
„Кога насилството се користи за замолчување на политичкиот говор, заплашување избрани функционери и граѓани или влијание врз демократските процеси, тогаш повеќе не станува збор за политичко несогласување, туку за организирано политичко насилство, а во најтешките облици и за тероризам“, порача Муцунски.
Тој нагласи дека демократските општества треба да се спротивставуваат на различностите преку дијалог и идеи, а не преку насилство.
На средбата биле разгледани и прашања поврзани со радикализацијата, пропагандата и регрутирањето преку дигиталните платформи, кои според учесниците претставуваат сè поголем предизвик за безбедносните системи.
Муцунски ја истакна и важноста од соработката со Соединетите Американски Држави и меѓународните партнери, нагласувајќи дека Македонија, како членка на НАТО, ќе продолжи да придонесува во заедничките напори за заштита на безбедноста и владеењето на правото.