Сериозна состојба владее во Гостивар откако во изминатите денови повеќе од 1.000 граѓани побарале медицинска помош поради стомачни тегоби, додека дел од жителите објавуваат фотографии и видеа на кои се гледа кафеава вода што тече од чешмите. Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде времена забрана за користење на водата за пиење од градскиот водовод, а Основното јавно обвинителство започна истражни дејствија за утврдување на причините.
Според информациите од гостиварската болница, во последните денови околу 1.000 до 1.200 пациенти се јавиле со симптоми како повраќање, дијареја, болки во стомакот, покачена температура и омалаксаност. Најголем дел од нив биле прегледани на Инфективното, Детското одделение и Ургентниот центар, каде што бил засилен медицинскиот персонал поради зголемениот број пациенти.
Во текот на вонредниот инспекциски надзор, АХВ утврдила дека на главниот цевковод од водоводната мрежа незаконски била поставена пумпа која директно вбризгувала вода од реката Вардар во системот за водоснабдување. Од водата се земени мостри за лабораториска анализа, а до добивањето на резултатите е издадена забрана за нејзина употреба за пиење.
Во случајот се вклучи и Основното јавно обвинителство, кое заедно со полицијата, Институтот за јавно здравје, АХВ, Државниот инспекторат за животна средина и лиценциран вештак спроведува истражни мерки за целосно расчистување на околностите и утврдување на евентуална одговорност.
Иако претходните анализи покажале дека водата била безбедна, надлежните институции апелираат граѓаните да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење сè додека не бидат објавени резултатите од најновите лабораториски испитувања и не се потврди дека таа е целосно безбедна.