Уставниот суд останува со седум судии откако Собранието денеска ја констатираше оставката на Гоце Наумовски и официјално му ја прекина функцијата.
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, информираше дека Наумовски нема да ја користи можноста да ја образложи оставката пред пратениците.
„Согласно член 121 од Деловникот на Собранието, уставниот судија има право да ја образложи оставката. Бидејќи сум известен дека тоа нема да го направи, констатирам дека, согласно Деловникот, му престанува функцијата“, изјави Милошоски.
Наумовски оставката ја поднесе на 16 јули. Од Уставниот суд претходно информираа дека официјално известување не било доставено до институцијата, но претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, добил потврда за оставката во телефонски разговор со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Гоце Наумовски беше избран за уставен судија на 18 февруари годинава. Неговиот избор во Собранието беше поддржан со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани.
По неговото заминување, највисокиот суд за оценување на уставноста и законитоста во земјава ќе продолжи со работа со намален состав од седум судии.