Повеќе од 1.000 повици од граѓани се евидентирани преку Единствениот број за итни повици 112 поради последиците од силното невреме проследено со силен ветер што попладнево го зафати Скопје, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според информациите од ЦУК, во главниот град се пријавени повеќе случаи на оштетувања предизвикани од силните налети на ветерот.
На улицата „Женевска“ број 10 паднала кровна конструкција од зграда, при што биле оштетени повеќе патнички возила. Пријавено е и паднато дрво врз моторно возило на улицата „Методија Митевски“, како и паднати дрвја на улицата „Никола Тримпаре“.
Штети се регистрирани и на улицата „Трифун Бузев“, каде исто така паднала кровна конструкција, додека во Основното училиште „Владо Тасевски“ силниот ветер откорнал дел од кровот.
На улицата „Хелсинки“ број 5 се пријавени две паднати дрвја, а на улицата „Скупи“ број 89, паднати дрвја оштетиле електрични кабли, патничко возило и дел од куќа.
Последици од невремето има и во Куманово, каде е пријавена падната кровна конструкција на булеварот „Октомвриска револуција“.
Од ЦУК информираат дека за сите пријавени случаи се известени надлежните служби, кои се на терен и работат на расчистување и отстранување на последиците од невремето.