Граѓаните и правните лица од Општина Центар чии домови, деловни простории или други објекти беа оштетени во неодамнешното силно невреме ќе можат да аплицираат за еднократна финансиска помош. Советот на Општина Центар го усвои Предлог-правилникот со кој се утврдуваат условите и постапката за доделување на оваа поддршка.
Градоначалникот Горан Герасимовски информираше дека покрај институционалната помош што ќе ја обезбеди Општината, лично ќе донира средства во солидарниот фонд и ги повика и членовите на Советот да се приклучат на иницијативата.
„Покрај институционалната поддршка што ја обезбедува Општина Центар, јас како градоначалник одлучив лично да донирам во солидарниот фонд, а ги повикав и советниците да го направат истото“, истакна Герасимовски.
Тој нагласи дека во вакви ситуации најважни се солидарноста, одговорноста и брзата реакција на институциите.
„Кога граѓаните се соочуваат со тешкотии, наша должност е да бидеме први што ќе помогнеме“, порача градоначалникот.
Со усвојувањето на правилникот се создава правна основа за исплата на еднократна финансиска помош за сите граѓани и компании кои претрпеа материјални штети од невремето, а Општината дополнително ќе ги објави условите и начинот на поднесување на барањата.