Со криминалистичка акција на полицијата во Кавадарци е фатен 32-годишен маж осомничен дека измамил жена од Куманово за 9.000 евра, ветувајќи ѝ дека ќе ѝ помогне да добие странски пасош.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, на 23 јули околу 13:50 часот на Градскиот плоштад во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци во координација со колеги од СВР Куманово го лишиле од слобода М.Д. (32) од Кавадарци.
Апсењето следело по пријава од 50-годишна жена од Куманово, која пријавила дека била измамена од осомничениот. Според нејзините наводи, тој ѝ ветил дека ќе посредува за добивање странски пасош за 400 евра, но потоа започнал да бара дополнителни суми пари.
Во краток период, жената му предала вкупно 9.000 евра, а тој продолжил со нови барања за пари.
При преземените мерки, кај осомничениот биле пронајдени 2.000 евра кои претходно ги зел од пријавителката. Парите биле криминалистичко-технички обработени од полициски службеници од ОВР Кавадарци.
М.Д. бил задржан во полициска станица, а потоа бил изведен пред јавен обвинител, каде го признал делото.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „измама“ по член 247 став 1 од Кривичниот законик.