Македонија во мај годинава успеала речиси целосно да ги задоволи домашните потреби за електрична енергија од сопствено производство. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, бруто-производството на електрична енергија достигнало 462.653 мегават-часови, што покрива 96,5 проценти од вкупната домашна потрошувачка.
Во текот на мај, бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија изнесувала 479.603 мегават-часови, додека увозот е намален на 87.978 мегават-часови, што е речиси 20 проценти помалку во споредба со истиот месец минатата година. Во исто време, извозот на електрична енергија е зголемен и достигнал 71.028 мегават-часови.
Статистиката покажува дека најголем придонес во домашното производство и понатаму имаат термоцентралите со 146.647 мегават-часови, но значителен удел имаат и хидроцентралите со 138.015 мегават-часови, како и соларните електрани, кои произвеле 143.419 мегават-часови. Производството од ветерните електрани продолжува да расте и во мај достигнало 31.435 мегават-часови, што претставува повеќе од 50 проценти зголемување во споредба со истиот месец лани.
Податоците укажуваат и на промени во потрошувачката на останатите енергенти. Потрошувачката на природен гас е зголемена за 4,8 проценти на годишно ниво и достигнала 4,463 милиони нормални кубни метри, што според статистиката се должи на работата на топлинските постројки, кои во истиот период минатата година не биле активни.
Од друга страна, потрошувачката на нафтени продукти бележи пад од 8,5 проценти и во мај изнесувала 78.468 тони. Намалување има и кај потрошувачката на јаглен, која достигнала 264.997 тони, при што речиси целокупната количина – 99,9 проценти – е искористена за производство на електрична енергија.
Кај домаќинствата, финалната потрошувачка на електрична енергија во мај изнесувала 222.061 мегават-часови, што е повеќе во однос на истиот месец минатата година, но помалку во споредба со април.
Најновите податоци покажуваат дека домашното производство сè повеќе успева да ги покрива енергетските потреби на државата, додека обновливите извори, особено сончевите и ветерните електрани, имаат сè поголемо учество во вкупното производство на електрична енергија. Истовремено, намалениот увоз и зголемениот извоз укажуваат на поповолна енергетска слика во споредба со истиот период минатата година.