Македонија

Ѓорѓиевски: Скопје памети – најголемата почит кон жртвите е да изградиме град достоен за нивниот спомен

Ѓорѓиевски: Скопје памети – најголемата почит кон жртвите е да изградиме град достоен за нивниот спомен

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по повод 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди главниот град, им оддаде почит на жртвите и порача дека Скопје никогаш не смее да ја заборави трагедијата, но и силата со која повторно се издигнало.

Во својата објава на социјалните мрежи, Ѓорѓиевски потсети дека на денешен ден во 1963 година, во 5 часот и 17 минути, за само неколку секунди биле изгубени повеќе од илјада човечки животи, уништени домови и разделени бројни семејства.

„Денес, со длабока почит, се поклонуваме пред споменот на жртвите. Нивната болка е вградена во темелите на нашиот град, а обврската да не ги заборавиме е вечна“, истакна градоначалникот.

Тој нагласи дека и покрај големата трагедија, Скопје успеало повторно да застане на нозе благодарение на поддршката од целиот свет, станувајќи симбол на човечноста и меѓународната солидарност.

„Светот му подаде рака на Скопје, а градот, како феникс од пепелта, повторно се издигна. Денес наша должност е да продолжиме таму каде што застанаа генерациите пред нас – да го чуваме, унапредуваме и градиме со визија, одговорност и љубов“, порача Ѓорѓиевски.

Според него, најголемата почит кон жртвите од катастрофалниот земјотрес е создавањето современо, безбедно и достоинствено Скопје кое ќе го почитува своето минато, но истовремено ќе ја гради својата иднина.

На крајот од пораката, градоначалникот упати почит кон сите кои ги загубија животите во земјотресот, нагласувајќи дека Скопје ќе остане град на солидарноста, надежта и непокорот.

„Скопје памети. Скопје тагува. Но Скопје никогаш не престанува да живее, да се обновува и да чекори напред. Нека е вечен споменот на жртвите од катастрофалниот земјотрес“, порача Ѓорѓиевски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни