Македонија

Македонските возачки дозволи проблем во Италија: Туристите не можат да изнајмат автомобили

Македонските возачки дозволи проблем во Италија: Туристите не можат да изнајмат автомобили

Македонските граѓани кои патуваат или живеат во Италија се соочуваат со проблеми поради непризнавање на македонските возачки дозволи. Туристи веќе не можат да изнајмат автомобил во дел од рентакар компаниите, додека македонските државјани со постојан престој во Италија не можат да ги заменат своите дозволи со италијански и мораат повторно да полагаат.

Проблемот го почувствувале македонски туристи кои деновиве пристигнале во Италија и биле одбиени при обид да изнајмат возило. Од компаниите им било објаснето дека добиле инструкции да не прифаќаат возачки дозволи издадени надвор од Европската Унија, освен доколку возачот поседува меѓународна возачка дозвола.

Според туристите, образложението било дека македонската возачка дозвола не се наоѓа во нивниот официјален каталог на признати примероци.

„Нè скенираат и нè фотографираат на границите, а сега и возачките дозволи ни создаваат проблеми, иако станува збор за исти биометриски податоци“, велат македонски граѓани кои се соочиле со оваа ситуација.

Иако Македонија и Италија имаат договор за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи, во пракса моментално постојат ограничувања. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на веб-страницата стои дека договор постои, но дека во моментов во Италија не е можна замена на возачки дозволи со Република Северна Македонија, додека дозволите со ознака „Република Македонија“ продолжуваат да се заменуваат.

Македонските граѓани имаа обврска до 1 јануари 2025 година да ги заменат возачките дозволи со старото име на државата.

Проблемот најмногу ги погодува македонските иселеници во Италија, особено оние чии работни места зависат од управување со возило. Дел од нив ризикуваат да останат без работа доколку не можат да ја регулираат возачката дозвола.

Според информациите, причината не е промената на името на државата, туку техничка неусогласеност меѓу двата модели на возачки дозволи. Од македонска страна биле додадени дополнителни категории, како што се категориите за земјоделски машини, што предизвикало барање од италијанските власти за склучување нов договор.

Новиот договор би требало повторно да ги усогласи документите и регулативите меѓу двете земји, по што надлежните институции ќе ги информираат автошколите и компаниите за изнајмување автомобили.

Од Министерството за надворешни работи велат дека процесот е во завршна фаза и дека се чека одобрување од италијанските институции.

„Од македонска страна се исполнети сите потребни формалности, а во моментов се очекува конечно одобрување од надлежните институции во Италија, по што ќе следи постапката за потпишување на договорот“, информираат од МНР.

До финализирање на новиот договор, македонските граѓани во Италија ќе мора да се информираат за дополнителните услови, особено при користење услуги за изнајмување автомобили.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни