Македонија

Алмир Даути назначен за в.д. директор на „Комуналец“ Гостивар по епидемијата со водата

Алмир Даути назначен за в.д. директор на „Комуналец“ Гостивар по епидемијата со водата

ЈП „Комуналец“ од Гостивар доби ново раководство откако за вршител на должност директор е назначен Алмир Даути. Тој ќе ја извршува функцијата во следните два месеци, по одредувањето 30-дневен притвор за поранешната директорка Арта Асани, која е осомничена во случајот со загадувањето на градскиот водовод.

Градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани, информираше дека по разговорите со раководителите на секторите во претпријатието било предложено еден од нив привремено да ја преземе функцијата за да се обезбеди непречено функционирање на „Комуналец“.

„Имав средба со раководителите на секторите во ‘Комуналец’ и им предложив да одредат еден од нив кој административно ќе ја врши оваа функција наредните два месеци. Претпријатието има повеќе дејности и неопходно е да има човек кој ќе ја раководи работата“, изјави Лимани.

Новиот в.д. директор Алмир Даути (49) е дипломиран економист, кој повеќе од 15 години работи во ЈП „Комуналец“. Во последните седум години бил раководител на одделението за комерција.

Назначувањето доаѓа во период кога во Гостивар сè уште трае епидемијата прогласена поради загадувањето на водата од градскиот водовод.

Според информациите од Јавното обвинителство, поранешната директорка Арта Асани, заедно со раководителите Леон Уредини и Вадедин Дервиши, се сомничат дека дале наредби за поставување потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора за вода за пиење.

Обвинителството наведува дека со овие дејствија било предизвикано загадување на водата во градскиот водовод, по што во Гостивар беше прогласена епидемија.

Тројцата се товарат за кривично дело „тешки дела против животната средина и природата“, за кое е предвидена казна затвор од четири до 20 години.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни