Бројот на новозаболени во гостиварскиот регион се намалува и се враќа на нивоата пред почетокот на кризата со водоснабдувањето, што според здравствените власти е сигнал за постепено стабилизирање на епидемиолошката состојба.
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска информираше дека позитивните показатели од терен укажуваат на смирување на епидемијата, а како една од главните причини го посочи редовното и соодветно хлорирање на водата во градскиот водовод.
Сепак, одлуката за тоа кога водата повторно ќе биде прогласена за целосно безбедна за пиење и подготовка на храна ќе ја донесе Управувачкиот комитет, откако ќе завршат сите дополнителни проверки и анализи.
„Сметаме дека настанува смирување на епидемијата. Крај на епидемија мора да има само кога врз основа на епидемиолошките анкети ќе се утврди дека веќе нема случаи поврзани со градскиот водовод во Гостивар“, изјави Клековски.
Тој посочи дека потребно е нивото на резидуален хлор да биде соодветно на сите контролирани точки каде претходно биле регистрирани негативни резултати, по што ќе следи официјална одлука за безбедноста на водата.
Фокус и на западнонилската треска
Покрај состојбата во Гостивар, министерот информираше и за нови случаи на вектор-преносливи заболувања. Потврдени се три нови случаи на западнонилска треска – два на Клиниката за инфективни болести и еден на Клиниката за неврологија.
Клековски нагласи дека дел од заболените лица немале патувања надвор од државата, што укажува на локална циркулација на вирусот.
Во фокусот на здравствените власти е и подрачјето на Скопско Поле, каде се преземаат дополнителни активности за следење на состојбата.
„Надвор од случаите кои се поврзани со Грција има и случаи кои дефинитивно не патувале надвор од земјата и со место на живеење се во подрачјето на Скопско Поле“, изјави министерот.
Се подготвува интервентен увоз на лекови
Министерот информираше дека најголем дел од лицата заразени со западнонилска треска немаат симптоми, додека потешки форми најчесто се јавуваат кај повозрасни пациенти со дополнителни здравствени ризици.
Комисијата за заразни болести продолжува со следење на состојбата и подготовка на препораки, а здравствените власти најавија и интервентен увоз на потребни лекови, меѓу кои и терапии за маларија.
Клековски посочи дека институциите остануваат во континуирана координација за навремено реагирање и спречување на понатамошно ширење на заразните заболувања.