Балкан

Хидролошка суша: Реките во Хрватска ги соборуваат рекордите на најниско ниво

Хидролошка суша: Реките во Хрватска ги соборуваат рекордите на најниско ниво

Исклучително ниските водостои на повеќе хрватски реки отворија бројни прашања во јавноста околу причините за ваквата состојба, последиците и зачестеноста на ваквите хидролошки екстреми. Одговори за хрватски Index даде д-р Татјана Вујновиќ, раководителка на Службата за хидролошки студии, анализи и прогнози при Државниот хидрометеоролошки завод (ДХМЗ).

Според д-р Вујновиќ, нискиот водостој на речните системи не е последица само на временските услови во Хрватска, туку ги отсликува глобалните сушни трендови.

„Дунав и Драва имаат алпски снежно-дождовен режим. Кога на Алпите има малку снег — што се случува веќе втора сезона по ред — а на целото подрачје на сливот нема подолг период врнежи, во реките дотекнува значително помалку вода. Високите температури додатно ја влошуваат состојбата бидејќи го зголемуваат испарувањето. Фактот што Дунав оваа година дури 143 дена беше под прагот на хидролошка суша покажува дека станува збор за долготраен недостаток на вода во речниот систем“, објаснува Вујновиќ.

Сложени последици за пловењето, земјоделството и енергетиката

Нагласено е дека ваквата долготрајна хидролошка суша постепено го зголемува притисокот врз сите клучни сектори. Речната пловидба веднаш реагира поради намалувањето на длабочината на пловните патишта, додека земјоделството се соочува со проблеми во однос на расположливоста на вода за наводнување. Слично е и во секторот за енергетика и водоснабдување, со тоа што подземните води реагираат и се обновуваат најспоро.

За забележително подобрување на состојбата не се доволни локални и краткотрајни поројни дождови, туку е потребен обилен и долготраен дожд на поголем дел од речните сливови.

Историски минимуми и идни климатски проекции

Оваа година на повеќе мерни точки — меѓу кои Дунав кај Батина, Даљ и Вуковар, како и Драва кај Ботово, Белишќе и Осиек — се забележани најниските вредности во историјата на мерењата.

Иако овогодишните нивоа се хидролошки екстрем, климатските проекции покажаат дека овие настани во иднина би можеле да се појавуваат почесто, да траат подолго и да бидат уште поизразени. Проекциите на шведскиот институт E-HYPE укажуваат дека до крајот на векот, според сценаријата со високи емисии на стакленички гасови, просечните годишни протоци на реките би можеле значително да се намалат, а сезоналостите уште повеќе да се продлабочат.

„Хидролошките екстреми ќе се засилуваат — од една страна ќе се соочуваме со интензивни врнежи кои го зголемуваат ризикот од поплави, а од друга страна со повисоки температури кои доведуваат до подолги сушни периоди и намалување на нивото на подземните води“, заклучува Вујновиќ, со апел за одговорно и штедливо управување со водените ресурси.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни