Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против осум лица за злоупотреба на службената положба и овластување во случај поврзан со набавката на видеолотариски терминали за „Државна лотарија“, со која, според обвинението, на акционерското друштво му била нанесена штета од 507.632.173 денари.
Иако Обвинителството во соопштението не ги наведува имињата на обвинетите, од описот на нивните функции и од јавно достапните податоци произлегува дека станува збор за поранешниот генерален директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски, како и тогашниот претседател на Надзорниот одбор Скендер Мехмети и членовите Бојан Јанев, Башким Авдији, Фатмир Рамаданоски и Александар Димитријоски. Токму овој состав на Надзорниот одбор бил јавно објавен во октомври 2023 година.
Методија Димовски во тој период ја извршувал функцијата генерален секретар на Владата, што го потврдуваат и официјалните владини објави. Од друга страна, јавно е потврдено дека Груби претседавал со владина седница на која се носеле одлуки поврзани со работењето на „Државна лотарија“.
Според Обвинителството, осумтемина во текот на 2023 и 2024 година заеднички преземале дејствија со кои ги пречекориле границите на своите овластувања и должности, со намера да му нанесат значителна штета на акционерското друштво.
Во обвинението се наведува дека тие биле свесни оти „Државна лотарија“ немала право самостојно да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали на територијата на државата. Тоа право уште во 2013 година било внесено како непаричен влог, проценет на 6.244.898 евра, при основањето на Друштвото за приредување игри на среќа „Државна видеолотарија на Република Македонија – Касинос Аустриа“, за што „Државна лотарија“ се стекнала со 51 процент од основната главнина.
И покрај тоа, според обвинението, тогашниот генерален директор Перпарим Бајрами на 9 мај 2023 година до тогашниот генерален секретар на Владата Методија Димовски доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа.
Во информацијата било наведено дека вредноста на набавката изнесува 42 проценти од сметководствената вредност на имотот на друштвото и дека станува збор за голема зделка, за чие одобрување е надлежен Надзорниот одбор.
Според Обвинителството, Димовски на 6 јуни 2023 година ја предложил информацијата како дополнување на дневниот ред на владина седница, иако требало да ја врати до подносителот или да ја препрати до надлежниот орган.
Како второобвинет во соопштението е опишан Артан Груби, кој, според Обвинителството, имал реално влијание врз раководењето со „Државна лотарија“. Тој претседавал со седница на Владата во својство на Собрание на акционери на друштвото и предложил дополнетата точка да биде усвоена, иако, според обвинителството, бил свесен дека таквата одлука не е во надлежност на Владата како Собрание на акционерското друштво.
Информацијата потоа била усвоена, а „Државна лотарија“ била задолжена да започне активности за самостојно приредување електронски игри на среќа и да спроведе јавна набавка на видеолотариски терминали.
Обвинителството ги товари и тогашниот претседател и четворицата членови на Надзорниот одбор дека, иако знаеле дека законската процедура не била испочитувана, донеле одлука со која го одобриле почнувањето на јавната набавка како голема зделка.
Набавката била реализирана, а со преземените обврски за исплата, според обвинението, на „Државна лотарија“ ѝ била нанесена штета од 507,6 милиони денари.
За Перпарим Бајрами, кој и натаму е недостапен за органите на прогон, обвинителот побарал притвор во траење од 30 дена, кој би започнал да се извршува од моментот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
За Артан Груби е предложено продолжување на куќниот притвор, заедно со мерките за привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова исправа за преминување на државната граница. Груби веќе неколку месеци се наоѓа во куќен притвор во рамки на постапката за „Државна лотарија“.
За останатите обвинети Обвинителството бара мерки на претпазливост – периодично јавување во Судот, привремено одземање на патните исправи и забрана за приближување, воспоставување или одржување контакти со определени лица.
Обвинението допрва треба да ја помине судската оценка, а сите обвинети се сметаат за невини сè додека нивната вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.