Седумнаесетгодишниот кајакар Благој Гугинов, член на ККК „Арка-Борец“ од Велес, оствари историски успех освојувајќи го деветтото место на Европското првенство за јуниори во кајак на диви води во Грандтули, Шкотска.
Во конкуренција на 39 натпреварувачи од 19 земји, Гугинов се пласираше во големото финале, што според неговиот клуб е еден од најзначајните резултати за македонскиот кајак во оваа категорија.
По овој подвиг, градоначалникот на Велес, Марко Колев, оствари прием за младиот спортист и неговиот тренер Љубомир Спасиќ. Поздравувајќи го нивниот труд и дисциплина, Колев најави финансиска поддршка од Општина Велес за претстојниот настап на Гугинов на Европскиот куп во Австрија, каде што тој повторно ќе настапи за Македонија.