Летниот распуст за 230 средношколци од Скопје ќе биде исполнет со учење, истражување, дружење и спорт. Денеска започна бесплатниот наставно-научен едукативен камп во Охрид, наменет за ученици од средните училишта во главниот град.
Првата смена, составена од 115 ученици, утрово замина за Охрид, каде во текот на престојот ќе учествуваат во различни едукативни и креативни активности. Целта е младите слободното време да го поминат на корисен и интересен начин, стекнувајќи нови знаења и вештини.
Програмата предвидува научно-истражувачки работилници, едукативни предавања, интерактивни дискусии, тимски проекти, културни и креативни активности, како и спорт и рекреација.
Посебен акцент ќе биде ставен на развивањето на лидерските, комуникациските и презентациските способности кај учениците. Преку тимската работа и размената на идеи, тие ќе имаат можност своите замисли да ги претворат во конкретни проекти и да стекнат поголема самодоверба.
Во рамки на престојот, средношколците ќе имаат можност да го запознаат и културно-историското наследство на Охрид, како и да се дружат и разменуваат искуства со свои врсници.
Втората смена, исто така составена од 115 ученици, во Охрид ќе престојува од 25 до 31 август.
Од Град Скопје посочуваат дека вложувањето во образованието, знаењето и развојот на младите претставува инвестиција во иднината и дека создавањето услови за младите да ги развиваат своите потенцијали останува еден од приоритетите.