Од 1 септември стапуваат на сила нови правила за сообраќај и паркирање на пристапната улица пред терминалната зграда на Меѓународниот аеродром Скопје. Според соопштението од аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“, возилата и понатаму ќе имаат можност за бесплатно кратко запирање до 10 минути за оставање или преземање патници, но оваа можност ќе може да се искористи само еднаш во текот на 24 часа.
Крај за повторените бесплатни влезови
Со цел да се спречат злоупотребите и да се намали метежот, пристапот ќе се контролира преку систем за автентификација и автоматско препознавање на регистарските таблички. Доколку исто возило влезе вторпат во истиот ден, услугата за бесплатно десетминутно запирање повеќе нема да важи.
„Промената е насочена кон одржување непречен проток на возила и обезбедување безбедни услови за сите патници, посетители и возачи. Со автоматското препознавање на регистарските таблички ќе овозможиме ефикасно управување со пристапот, особено во периодите на пик-оптоварување со зголемена фреквенција на сообраќај“, појаснуваат од „ТАВ Македонија“.
Алтернатива: Големиот паркинг пред терминалот
За возачите на кои им е потребен подолг престој или кои треба повеќе пати во денот да дојдат до аеродромот, на располагање е главниот паркинг пред терминалната зграда, кој располага со 1.200 места за автомобили и 6 за автобуси.
Од „ТАВ Македонија“ потсетуваат дека за овој паркинг важат следните цени:
- Краток престој:
- До 1 час – 100 денари
- До 2 часа – 150 денари
- До 3 часа – 200 денари
- Од 3 до 4 часа – 300 денари
- Од 4 до 6 часа – 400 денари
- Од 6 до 8 часа – 500 денари
- Од 8 до 24 часа – 1.000 денари
- Повеќедневен престој:
- Од 3 до 5 дена – 3.500 денари
- Од 5 до 7 дена – 4.500 денари
- За секој нареден ден – дополнителни 400 денари