Балкан

Вучиќ го распушти Собранието, парламентарните избори во Србија на 25 октомври

Вучиќ го распушти Собранието, парламентарните избори во Србија на 25 октомври

Србија влегува во нов изборен циклус откако претседателот Александар Вучиќ официјално го распушти Народното собрание и распиша вонредни парламентарни избори за 25 октомври 2026 година.

Вучиќ ги потпиша указот за распуштање на парламентот и одлуката за распишување на изборите, откако Владата на Србија на 7 септември достави образложен предлог.

„Го распуштам Народното собрание избрано на 17 декември 2023 година. Донесувам одлука за распишување избори за пратеници за 25 октомври 2026 година“, изјави Вучиќ во Претседателството на Србија.

Како што објави „Телма“, претседателот ги повика граѓаните внимателно да размислат кому ќе ја дадат својата доверба, посочувајќи на сериозноста на актуелните политички и економски околности во светот и нивното влијание врз Србија.

Вучиќ порача дека очекува граѓаните на изборите јасно да ја покажат насоката во која сакаат да се движи земјата.

„Уверен сум дека вие, како граѓани на Србија, ќе го изберете вистинскиот пат кон иднината, а кој и да го изберете, сигурно ќе ги добие моите честитки“, рече тој.

Тој додаде дека зачувувањето на демократскиот систем, општествената стабилност и семејствата без поделби треба да бидат приоритети за Србија.

Според Вучиќ, Србија во изминатите години се соочила со низа надворешнополитички, внатрешнополитички, енергетски и економски предизвици. Тој оцени дека, и покрај турбуленциите во светот, земјата успеала да ги зачува мирот и стабилноста.

„Сметав, а и денес сметам, дека Србија избра добар европски пат, притоа зачувувајќи ги традиционалните пријателства, националната гордост и достоинството“, изјави српскиот претседател.

Вучиќ се осврна и на глобалната безбедносна состојба, оценувајќи дека меѓународниот поредок воспоставен по Втората светска војна е нарушен и дека во повеќе делови од светот се водат војни кои имаат политички и економски последици.

Со распуштањето на парламентот започнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија, а надлежните изборни органи ќе го организираат гласањето на 25 октомври.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни