Четворица блиски соработници на американскиот претседател Доналд Трамп добиле парични празнични подароци во вредност од десетици илјади долари, покажуваат најновите финансиски извештаи објавени од администрацијата, пренесуваат американските медиуми.
Најголемите подароци, во вредност од по 45.000 долари, им биле дадени на извршната асистентка Натали Харп, советничката за комуникации Марго Мартин и заменик-директорот за операции во Овалната соба, Чемберлен Харис.
Директорот за операции во Овалната соба, Волт Наута, добил подарок во вредност од 20.000 долари.
Износите се наведени во годишните финансиски извештаи објавени од администрацијата. Според извештајот за платите на вработените во Белата куќа доставен до Конгресот, Харп, Мартин и Харис имаат годишна плата од по 150.000 долари, додека Наута заработува 175.000 долари годишно.
Неименуван претставник на Белата куќа, кој зборувал за американските медиуми под услов на анонимност, изјавил дека Трамп со години има практика да им подарува празнични, односно божиќни подароци на луѓе од неговото опкружување.
Според претставникот, такви подароци понекогаш добивале и негови вработени и соработници, како во владата, така и во периодот кога Трамп работел во приватниот сектор.
Од Белата куќа не прецизирале дали и други вработени добиле слични парични подароци.
Претставникот, сепак, нагласил дека подароците не се поврзани со официјалните владини должности на лицата кои ги добиле и дека, според неговото толкување, тие се дозволени согласно важечките законски и етички стандарди.