Начинот на кој беше спроведена приватизацијата во деведесеттите години претставува најголемиот историски промашај што трајно го детерминираше економскиот развој на државата и доведе до создавање на суров капитализам од американски тип. Ова го истакна поранешниот претседател на Собранието и основач на НСДП, Тито Петковски, во интервју за Телевизија 24.
Петковски посочи дека токму несогласувањето околу моделот на приватизација бил почетокот на неговиот суштински конфликт со тогашното раководство на СДСМ предводено од Бранко Црвенковски. Додека мал дел од пратениците, меѓу кои и тој, инсистирале на ваучерска приватизација по примерот на земјите од Централна Европа – каде општествениот капитал праведно ќе им припаднеше на работниците – партискиот врв го наметнал моделот на менаџерски откуп („management buyout“).
„Имавме три седници на пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз за тоа кој модел да се прифати. Мнозинството го прифати моделот на менаџерски откуп, што значеше фирмите да се дадат на директорите кои ги водеа во тој момент. Образложението беше дека ќе се внесат нови технологии и образован кадар, а ефектот излезе сосема спротивен. Ги избркаа работниците, дел од фабриките ги продадоа, дел ги претворија во станбени згради. Наместо заштита на трудот, се создаде мала група екстремно богати поединци и огромна сиромаштија кај населението“, вели Петковски.
Тој се присети и на интерните партиски расправи, посочувајќи дека тогашниот министер за финансии Јане Миљовски на пратениците им пренел дека законот мора да се прифати по директива на партиското раководство.
Според Петковски, со тој потег започнала деградацијата на правата на работничката класа, а СДСМ скршнал од својата автентична социјалдемократска матрица и станал заштитник на бизнис-елитите.
„Партијата инклинираше од опција што го штити работникот во партија што штити олигарси. Тоа го видовме и подоцна, низ сите влади, каде постојано влегуваа крупни бизнисмени и директори на банки, додека работниците останаа обесправени и без основни синдикални права“, нагласува Петковски.