Откупот на недостиг од пензиски стаж до две години би чинел околу 100 евра месечно, односно најмногу до приближно 2.500 евра за 24 месеци, според предлог-измените на законската рамка што се во владина процедура. Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски најави дека со сопствена уплата граѓаните на кои им недостигаат до 24 месеци стаж ќе можат да го исполнат условот за старосна пензија.
Мерката е наменета за неактивни осигуреници, односно лица кои веќе не се во работен однос, имаат наполнето 62 години за жени, односно 64 години за мажи, и имаат остварено најмалку 13 години работен стаж.
Пресметката на износот за откуп ќе се врши врз основа на 50 проценти од просечната нето-плата од претходната година, на која ќе се применува стапка на придонеси од 19,9 проценти. Доколку просечната плата изнесува 45.000 денари, основицата би била 22.500 денари. Во таков пример, еден месец стаж би чинел околу 4.478 денари, односно приближно 73 евра. За максималните 24 месеци, износот би бил околу 107.460 денари, односно околу 1.750 евра, а зависно од конечните параметри вкупниот трошок може да достигне и до околу 2.500 евра.
Велковски појасни дека висината на идната пензија ќе зависи од претходните примања во текот на работниот век, вкупниот стаж и платата на која било пријавено лицето, а точните формули ќе бидат утврдени со финалното законско решение.
Осврнувајќи се на вториот пензиски столб, министерот ги демантираше шпекулациите за негово укинување или национализација. Наместо тоа, се разгледува можноста за реконструкција на системот со цел негово зацврстување и обезбедување поголеми и посигурни пензии за идните пензионери. Тој потсети дека пред дваесетина години, кога се воспостави вториот столб, економските и демографските параметри беа поинакви, па сега се спроведуваат и компаративни анализи со други европски држави што применуваат сличен модел.
Според најавите, целта на измените е да се овозможи пофер пристап до пензија за граѓаните со недостиг од стаж, како и да се зајакне одржливоста и стабилноста на пензискиот систем.