Македонија

ДЗР алармира за недостиг на кадар и опрема, Ангелов: Ова лето најуспешно се справивме со пожарите

ДЗР алармира за недостиг на кадар и опрема, Ангелов: Ова лето најуспешно се справивме со пожарите

Системот за заштита и спасување во земјава и натаму се соочува со слабости во стратешкото планирање, координацијата, ресурсите и опременоста, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија. На наодите на ревизорите реагираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој вели дека дел од констатираните слабости веќе се намалени со законски измени и подобрување на ресурсите.

ДЗР констатира дека во услови на зголемени ризици од шумски пожари, поплави и екстремни временски услови, системот не секогаш располага со потребната стратешка, институционална и оперативна подготвеност за ефикасен одговор.

Според ревизорите, последната национална стратегија за заштита и спасување важела до 2018 година, додека нова стратегија за периодот 2026–2030 година сè уште не е усвоена. Не е донесена ниту годишна програма за спроведување на стратегијата, а планот за заштита и спасување не е ажуриран. Ревизорите укажуваат и дека процената на загрозеност од природни непогоди и други несреќи е од 2007 година и не е усогласена со новите ризици и современите услови.

Особено сериозен ризик, според ДЗР, претставуваат шумските пожари. Во 2024 година во земјава биле регистрирани 97.660 хектари изгорена површина, што е највисоко ниво во последната деценија и повеќе од вкупната површина изгорена во претходните шест години заедно.

Податоците на ЈП „Национални шуми“ покажуваат дека од 2023 до 2025 година биле евидентирани 82.714 хектари изгорена површина, 914.657 кубни метри изгорена дрвна маса и штети од 133,6 милиони евра. Само во 2024 година штетата изнесувала 83,1 милион евра.

Ревизорите утврдиле и недоволна пополнетост со човечки ресурси, недостиг на опрема и ограничена можност за следење на ефикасноста на оперативните сили. Како пример ја посочуваат Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, која во 2024 година имала 1.412 интервенции по пожари и 161 техничка интервенција. Од 384 систематизирани места за пожарникари, биле пополнети само 172, а констатирана е и застарена противпожарна опрема.

ДЗР укажува и на проблеми со финансирањето. Во периодот од 2022 до 2024 година за противпожарна заштита биле обезбедени 2,23 милијарди денари, но дури 98,5 проценти од средствата биле насочени кон тековни расходи, главно плати и надоместоци, додека само 1,5 проценти биле капитални расходи за модернизација, опрема и возила.

Истовремено, ревизорите констатирале слабости и во управувањето со воздушните сили за справување со шумски пожари, како и во управувањето со материјалните средства на ДЗС. Дирекцијата располага со повеќе од 30 магацини, но нема интегриран систем за материјална и финансиска евиденција, а констатирани се и недостатоци во пописот и контролата на средствата.

ДЗР оценува дека системот за управување со кризи во голема мера функционира реактивно, со постепено активирање на ресурсите од локално кон национално ниво. Во 2024 и 2025 година повеќекратно биле прогласувани кризни состојби поради пожари, што, според ревизорите, укажува на ограничени капацитети за ефикасно справување со катастрофи.

На овие наоди реагираше директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов. Тој вели дека слабостите што ги нотира ДЗР се прашања на кои укажувал и самиот, прво како директор на Центарот за управување со кризи, а сега и како директор на ДЗС.

„Слабостите на Системот за управување со кризи, заштита и спасување на кои укажува ДЗР во суштина се слабости на кои укажував како директор на ЦУК но и сега како директор на ДЗС“, вели Ангелов.

Според него, дел од проблемите значително се намалени со измените на Законот за управување со кризи од минатата година, како и со измените на Законот за заштита и спасување од јуни годинава.

Ангелов посочува дека е подобрена и состојбата со ресурсите. Според него, ер тракторите годинава биле сервисирани навреме и ставени во функција пред почетокот на сезоната на пожари, додека бројот на противпожарни возила постепено се зголемувал.

Како пример ги наведува 23 „пинцгауери“, 15 БТР и пет „хермелини“ кои се пренаменети во противпожарни возила.

Како значаен чекор Ангелов ја издвојува и законската измена со која во итни ситуации директорот на ДЗС може директно да нареди ангажирање на републичките сили за заштита и спасување.

„Со оваа измена се прескокнуваат сите претходни бирократски усложнувања и успорувања во итни ситуации бидејќи директорот на ДЗС е овластен да нареди ангажман на било која единица или дел од единица од Силите за заштита и спасување“, вели Ангелов.

Тој додава дека годинава бил значително зголемен ангажманот на доброволните пожарникари преку Тимовите за брз одговор на ДЗС, што, според него, ја намалило потребата од дополнително ангажирање на полицијата и Армијата во гаснењето на комплексни пожари.

Ангелов тврди и дека ова лето немало потреба од барање меѓународна помош за справување со пожарите. Напротив, според него, ДЗС за првпат во рамки на Европскиот механизам за цивилна заштита декларирала два ер трактори за помош на други земји.

„И покрај постоечките слабости и недостатоци, ова лето Македонија најуспешно досега се справи со пожарите на отворен простор“, вели Ангелов.

ДЗР, од своја страна, препорачува спроведување реформи за воспоставување интегриран и функционален систем за заштита и спасување, со нова национална стратегија, јасна нормативна рамка, стабилно финансирање, зајакнување на човечките и материјалните капацитети и воспоставување поефикасен систем за мониторинг и надзор.

Ангелов најавува дека реформите ќе продолжат, со цел создавање единствена институција која би ги обединила функциите на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Весна Јаневска, министерка за образование 22.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни