До крајот на ноември треба да биде завршено новото проектирање за недовршените објекти во кампусот на УКИМ, по што веднаш ќе се распише тендер за изведувач, а доградбата се очекува да започне на почетокот од следната година. Ова го најави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во гостувањето на 4ТВ.
Според извршените анализи од страна на Градежниот факултет, затекнатата состојба на објектите не покажала поголеми оштетувања на конструкцијата, што овозможува работата да продолжи со соодветно санирање.
„Според новиот план, двете незавршени згради ќе му припаднат на ФИНКИ и ќе бидат споени со мост. Факултетот за физичка култура реши да остане на сегашната локација, каде што дополнително ќе ги прошириме капацитетите. Во процесот на репроектирање имаме грант и експертска помош од швајцарската влада за целосно покривање на машинските, електричните и системските решенија“, истакна Јаневска.
Министерката потенцираше дека седумгодишниот застој направил огромна штета – пред сè за студентите кои немаа соодветни услови, но и за државниот буџет. Поради драстичниот пораст на цените на градежните материјали во споредба со пред една деценија, новата изградба ќе чини значително повеќе од првично предвидените средства, а точниот износ ќе се знае по комплетирањето на проектот.