Премиерот Христијан Мицкоски од говорницата на Обединетите нации порача дека Северна Македонија останува посветена на европската интеграција, но очекува процесот да се води според јасни и мерливи правила.
„Не бараме полесен пат. Бараме пат управуван според правила. Не бараме пониски стандарди. Бараме стандардите да останат стандарди“, порача Мицкоски.
Тој нагласи дека полноправното членство во Европската Унија е стратешка определба на земјата, заедно со членството во НАТО и стратешкото партнерство со САД.
Според Мицкоски, европската интеграција треба да биде заснована на мерливи критериуми, а не на процес во кој билатералните прашања постојано ги поместуваат условите.
„Ако кандидатите за членство во една организација треба да исполнат одредени критериуми, тогаш исполнувањето на тие критериуми мора да води кон напредок“, рече тој.
Премиерот истовремено призна дека одговорноста за реформите во голем дел е на самата држава.
Тој наведе дека Северна Македонија мора да го зајакне владеењето на правото, да изгради поефикасни институции, поконкурентна економија и поголема доверба на граѓаните во државата.
„Тоа е наша одговорност. Не можеме да ја префрлиме во Брисел“, порача Мицкоски.
Во обраќањето тој оцени и дека начинот на кој Европа ги претвора своите преземени обврски во конкретни политички резултати ќе биде важен за нејзината кредибилност и геополитичка тежина.