Литванија денеска ги започна своите редовни годишни национални вежби за мобилизација со цел да ја тестира подготвеноста за одговор на евентуално влошување на безбедносната состојба и за премин кон состојба на мобилизација во случај на војна, објави литванскиот јавен сервис LRT.
Вежбите, кои ќе траат до 3 октомври, комбинираат теоретски сценарија со практични активности во кои се вклучени околу 3.000 државни службеници, официјални лица, претставници од општини и владини агенции, деловни субјекти и невладини организации, како и околу 1.000 волонтери.
Вилмантас Виткаускас, раководител на литванскиот Национален центар за управување со кризи, изјави дека вежбата ќе го тестира и континуитетот на работата на владата, како и начинот на кој владините агенции носат одлуки и утврдуваат приоритети во услови на притисок.