Андреј Петров тврди дека иницијативата околу платформата „Разговори за иднината во 12:05“ има вербална поддршка од околу 90 отсто од пратениците на СДСМ.
Во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, Петров рече дека станува збор за поддршка која засега не мора да биде јавно изразена, имајќи ја предвид позицијата и одговорноста што ја имаат пратениците во рамките на партијата.
На прашањето дали имаат поддршка од пратениците на СДСМ, Петров одговори:
„Вербално од 90 проценти од пратениците.“
На дополнителното прашање дали станува збор конкретно за пратениците на СДСМ, тој потврди:
„Да, вербално, да.“
Петров нагласи дека од пратениците не се бара јавно да се изложуваат или отворено да настапуваат во поддршка на иницијативата.
„Тоа се луѓе кои се пратеници на СДСМ и имаат одговорна задача и нормално е дека ние не очекуваме ниту бараме од некого да се изложува или тоа да го кажува или да настапува“, рече Петров.
Тој како пример ја посочи пратеничката Славјанка Петровска, оценувајќи дека таа коректно се однесува и кон својата партија и кон позицијата што ја има во Собранието.
Петров во интервјуто зборуваше и за потребата од пошироко опозициско поврзување, посочувајќи дека иако меѓу различните партии постојат разлики, има и прашања околу кои може да се изгради заедничка соработка.
Според него, целта е да се создаде блок кој би соработувал во спротивставувањето на политиките на актуелната власт, без разлика дали таа соработка би била поцврста или полабава.
Изјавата за поддршка од 90 отсто од пратениците претставува тврдење на Петров изнесено во интервјуто, без тој да наведе конкретни имиња на пратеници кои му ја дале таквата поддршка.