Македонија

Д-р Дарко Василевски започна штрајк со глад пред Медицинскиот факултет во Скопје

Д-р Дарко Василевски започна штрајк со глад пред Медицинскиот факултет во Скопје

По петнаесет дена без, како што вели, одговор од надлежните институции, д-р Дарко Василевски денес започна мирен протест, штрајк со глад, пред Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје.

Василевски, лекар и приватен специјализант, им се заблагодари на сите што му дадоа поддршка во изминатите денови и порача дека протестот не е насочен кон ниту едно лице. „Ова не беше одлука што ја донесов лесно. Ова не е насочено кон никого лично“, изјави тој.

На местото на протестот поставил клупа, а во текот на денот најави и поставување шатор. Вели дека таму ќе престојува дваесет и четири часа дневно во периодот што следи.

Повод за протестот е спорот околу последниот оглас за вработување двајца доктори по медицина на неопределено време во Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија. Според него, при претходните конкурси за работа на Медицинскиот факултет била земана предвид неговата возраст.

Тој тврди дека уште во 2022 година од член на комисијата добил порака дека е „стар“, дека не му е местото таму и дека не може академски да напредува. На интервју во 2023 година, како што наведува, повторно било отворено прашањето за неговата возраст, додека на последниот оглас во 2026 година член на комисијата, тврди тој, директно му рекол: „Ти си 80-то годиште“.

Василевски посочува дека ги исполнувал условите од последниот оглас и дека бил единствениот кандидат кој ги поминал сите турнуси од специјализацијата по спортска медицина, чија програма и спроведување ги опфаќа Институтот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни