Македонија

„Збогум, љубов моја! Овој пат засекогаш!“ – емотивно збогување на битолскиот пилот Васко Михалчев

„Збогум, љубов моја! Овој пат засекогаш!“ – емотивно збогување на битолскиот пилот Васко Михалчев

Со фотографија покрај жолтиот противпожарен авион и бакнеж во пропелерот, битолскиот пилот Васко Михалчев испрати емотивна порака која навестува крај на една долгогодишна приказна со летањето.

„Збогум, љубов моја! Овој пат засекогаш!“, напиша Михалчев, без дополнително да објасни што точно значи неговото збогување со авионот и дали станува збор за дефинитивно повлекување од летањето.

Михалчев е еден од искусните македонски пилоти кои се вратија од пензија за да помогнат во гаснењето на шумските пожари. Во 2024 година, заедно со Стоје Арсовски, повторно седна зад командите на противпожарните авиони „ер трактор“, а нивниот ангажман продолжи и во 2025 година.

Нивното искуство беше особено значајно во период кога земјата се соочуваше со недостиг од обучени пилоти за воздушни интервенции при пожари.

Воздухопловната приказна на Михалчев е неразделно поврзана со Битола и со аероклубот „Мирко Тодоровски“. На одбележувањето на стогодишнината од основањето на клубот во 2025 година, тој потсети дека е негов член уште од 1980 година, односно дека зад себе има 45 години посветени на летањето и на битолскиот аеродром.

За Михалчев, аероклубот не бил само место каде што се стекнувале пилотски знаења, туку и средина во која се учеле дисциплина, одговорност и други животни лекции.

Неговиот ангажман, пак, не бил ограничен само на управувањето со авионите. Во периоди кога немало доволно финансиски средства, тој преземал повеќе улоги – од пилот и инструктор до механичар, учествувајќи во одржувањето на леталата и зачувувањето на воздухопловната традиција во Битола.

Особено внимание посветувал и на младите пилоти. На јубилејот на аероклубот истакна дека една од задачите на неговата генерација е да создаде наследници и да обезбеди нови пилоти кои ќе ја продолжат традицијата.

Во последната објава Михалчев не прецизира што се крие зад зборовите „овој пат засекогаш“. Сепак, фотографијата и кратката порака оставаат впечаток дека по повеќе од четири децении поминати во авијацијата, тој можеби се збогува со професијата на која ѝ посветил голем дел од својот живот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни