Иако граѓаните во Македонија денес плаќаат значително повеќе за храна и безалкохолни пијалоци отколку пред пет години, растот на платите во истиот период бил поголем од растот на цените. Податоците покажуваат дека меѓу август 2021 и август 2026 година цените на храната се зголемиле за 46 отсто, додека минималната плата пораснала за 74 отсто.
Според податоците на Државниот завод за статистика, ова значи дека со една минимална плата во август 2026 година граѓаните можеле да купат околу 19 отсто повеќе храна отколку со минималната плата во август 2021 година.
Сепак, според експертите, само процентуалното споредување на растот на платите и цените не е доволно за да се добие целосна слика за животниот стандард. Поважно е колкава количина производи и услуги реално може да се купи со една плата.
Раст на примањата е забележан и кај просечната плата. Во јули 2026 година просечната месечна бруто-плата изнесувала 72.935 денари, додека во истиот месец во 2021 година била 42.776 денари. Тоа претставува номинален раст од околу 71 отсто.
Македонија, сепак, има повисок раст на цените на храната во споредба со просекот во Европската Унија. Според податоците на Евростат, меѓу август 2021 и август 2026 година храната и безалкохолните пијалоци во ЕУ просечно поскапеле за 34 отсто. Во Македонија растот од 46 отсто е за 12 процентни поени поголем.
Разликите меѓу европските земји се значителни. Најголем раст на цените на храната во ЕУ е забележан во Унгарија, каде што тие се зголемиле за 57 отсто, потоа во Бугарија со 54 отсто и Романија со 53 отсто.
На спротивниот крај е Кипар со раст од 21 отсто. Во пошироката европска споредба, која опфаќа 35 земји, најмал раст е регистриран во Швајцарија, каде што цените на храната пораснале за само 5 отсто.
Кај најголемите европски економии, растот изнесува 25 отсто во Франција, 30 отсто во Италија, 34 отсто во Германија и 35 отсто во Шпанија.
Најголем раст во споредбата е забележан во Турција. Таму цените на храната и безалкохолните пијалоци во периодот од август 2021 до август 2026 година пораснале за дури 752 отсто, што се поврзува со повеќегодишната висока инфлација и падот на вредноста на турската лира.
Растот на цените на храната во изминатите години беше под влијание на повеќе фактори. Нарушувањата на пазарите, како и зголемените трошоци за енергија, ѓубрива и транспорт, извршија силен притисок врз цените. Дел од овие проблеми започнаа уште пред руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Иако растот на платите во Македонија во изминатите пет години процентуално го надминал растот на цените на храната, високото ниво на поскапувања останува значаен фактор за трошоците на домаќинствата и нивниот животен стандард.