Македонија

Проневера од 80 милиони денари во Државна лотарија, уапсените службенички добија кривична пријава

Проневера од 80 милиони денари во Државна лотарија, уапсените службенички добија кривична пријава

Управа за финансиска полиција поднесе кривична пријава против две службени лица од Државна лотарија, кои се сомничат дека преку незаконско присвојување на средства и фалсификување финансиска документација предизвикале штета од речиси 80 милиони денари.

Пријавените А.Н., директорка на Секторот за финансии и сметководство, и Д.Д., шефица на финансиски работи, се сомничат за кривичните дела „Проневера во службата“ и „Фалсификување или уништување деловни книги“.

Според Финансиската полиција, двете во текот на 2024 година не уплатиле и не депонирале на сметките на Државна лотарија дневен промет од 46.038.720 денари. Дополнително, од банкарските сметки на друштвото подигнале 33.950.724 денари, кои, според пријавата, противправно ги присвоиле.

За прикривање на недостигот, наводно биле префрлани средства меѓу различни банкарски сметки, биле креирани налози за фиктивни трансакции, а биле изготвувани и користени невистинити финансиски и сметководствени документи. Според Финансиската полиција, преку фиктивни касовни исплати и книжења на различни сметководствени конта се прикривала вистинската намена на средствата.

Во рамки на истрагата, по наредби од надлежен суд, вчера биле извршени претреси на пет локации – четири во Скопје и една во Валандово. При претресите биле пронајдени и одземени оригинална сметководствена документација поврзана со Државна лотарија, мобилни телефони, лаптопи, USB-уреди, надворешни хард-дискови и друга електронска опрема.

Одземени биле и парични средства, злато и златен накит, накит „Сваровски“, поскапи часовници и брендирани чанти од „Хермес“, „Луј Витон“, „Диор“ и други производители. Дополнително, во соседен двор, надвор од една од претресуваните локации, била пронајдена и одземена фрлена документација од интерес за постапката.

Двете пријавени лица биле лишени од слобода. Предметот, како што соопштува Финансиската полиција, произлегува од наодите на ревизијата спроведена од Државниот завод за ревизија во Државна лотарија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни