Нема научни докази дека МРП вакцината е причина за аутизмот, порача проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Говорејќи за долгогодишните шпекулации за наводна поврзаност меѓу МРП вакцината и аутизмот, Грозданова ја посочи студијата на британскиот лекар Ендрју Вејкфилд од 1998 година, која, според неа, придонела за ширење на оваа непотврдена теза.
Таа нагласи дека зголемувањето на бројот на случаи на аутизам не покажува научно утврдена причинско-последична врска со МРП вакцинацијата.
„Научно нема никаков доказ“, рече Грозданова, додавајќи дека истовременото зголемување на бројот на дијагностицирани случаи не значи дека причината е вакцинацијата.
Според неа, во изминатите децении се промениле бројни фактори кои можат да влијаат врз регистрирањето и дијагностицирањето на аутизмот, додека МРП вакцината се користи со децении.
„Многу други фактори се сменети, многу повеќе отколку вакцинацијата, која што постојано е иста“, посочи Грозданова.
Таа нагласи дека и генерациите на денешните родители биле вакцинирани со МРП вакцината, но дека кај поновите генерации се бележи повисока зачестеност на дијагностицирани случаи на аутизам.
Грозданова смета дека за овие прашања е потребна отворена и транспарентна комуникација со родителите, кои треба да имаат можност да поставуваат прашања и да добиваат информации од релевантни здравствени професионалци.
„Само со една соработка и многу јасно и транспарентно говорење за сè, ќе треба да настапиме и кон родителите“, порача таа, повикувајќи ги родителите да се информираат и консултираат на соодветни и релевантни места.