Македонија

МВР: За Ива Михајлова нема евидентиран излез од територијата на Македонија

МВР: За Ива Михајлова нема евидентиран излез од територијата на Македонија

Министерството за внатрешни работи за 4news.mk вели дека нема евиденција дека Ива Михајлова ја напуштила територијата на Македонија преку граничен премин.

„Во однос на лицето за кое прашувате, Ве известуваме дека се извршени проверки во системот за гранична контрола на Министерството за внатрешни работи, при што е утврдено дека за наведеното лице нема евидентиран излез од територијата на Македонија“, велат од МВР на наше новинарско прашање.

Уторво бугарските медиуми објавуваат дека Ива Михајлова веќе се наоѓа во Софија, и дека ќе оди во елитната болница „Пирогов“. Таа и нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров даваат изјави дека границата ја преминале сосема легално преку официјален граничен премин и дека македонските полицајци добро знаеле која е таа, но ги пуштиле да поминат.

Нејзиниот македонски адвокат, познатиот Насер Рауфи, изјавува за медиумите дека е целосно затекнат и изненаден од нејзиното заминување без одобрение од судот.

„И јас сум изненаден. Утринава ме известија дека ја преминала границата. Судска дозвола немаше, а токму подготвувавме ново барање откако од МНР најавија доаѓање на лекари од Бугарија за нејзин преглед. Очекувам судењето да продолжи во нејзино отсуство, каде што треба да сведочи нашиот сообраќаен вештак. Претпоставувам дека оваа одлука ја донела во договор со колегата од Бугарија“, изјави Рауфи за „Вечер“.

На 7 октомври 2025 година, на патот Кочани–Штип се случува тешка сообраќајна несреќа со директен судир на две возила. Во несреќата загинува 33-годишен маж, а неколку лица се повредени. Македонското обвинителство ја товари тогаш 23-годишната Ива Михајлова (која има и македонско и бугарско државјанство) дека возела со пребрза брзина и преминала во спротивната лента. Михајлова и нејзиниот правен тим го оспоруваат ова. Тврдат дека другото возило навлегло во нејзината лента обидувајќи се да заобиколи запрено полициско возило, и дека таа всушност е жртва, а не виновник. Во несреќата таа се здобива со тешки повреди на рбетот.

Поради судскиот процес, на Михајлова ѝ се изречени мерки за претпазливост, вклучително и одземање на пасошите и забрана за напуштање на државата. Нејзиното семејство бара таа да замине на лекување во Софија, тврдејќи дека во Македонија нема услови за нејзината тешка дијагноза. Официјална Софија го крева случајот на политичко ниво. Бугарското МНР јавно ја критикуваше Македонија, а бугарските медиуми и националистички партии (како „Преродба“) случајот го претставуваат како „прогон на девојка поради нејзината бугарска самосвест“.

Само неколку дена пред нејзиното бегство, македонските и бугарските власти во Софија договараат компромис – бугарски медицински тим да дојде во Македонија за да ја прегледа Михајлова.

Случајот добива уште поконтроверзна нијанса поради нејзиниот татко, Симеон Михаилов. Тој е поранешен сопственик на казина и еден од осудените во познатиот македонски криминален случај „Детонатор“. Михаилов има правосилна затворска казна од 12 и пол години затвор за обид за убиство, злосторничко здружување и насилство. Тој веќе со години е во бегство од македонската правда и се наоѓа во Бугарија, од каде што неодамна преку видео-обраќања ја бранеше својата ќерка и тврдеше дека пресудите против него се политички монтирани за да му се одземе бизнисот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни