Во Општина Центар нема листи на чекање за упис во градинките за децата чии родители се жители на општината, тврди градоначалникот Горан Герасимовски.
Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, тој истакна дека општината располага со доволни просторни капацитети за згрижување на децата од Центар, а истовремено се обидува да им излезе во пресрет и на родителите од другите скопски општини кои работат во централното градско подрачје.
„Не сме оставиле ниту едно дете чии родители се жители на Центар да не ги користи условите на нашите градинки“, изјави Герасимовски.
На директното прашање дали постојат листи на чекање за жителите на Центар, градоначалникот одговори дека такви листи нема.
Тој објасни дека при уписот приоритет имаат децата од општината, а потоа, во зависност од слободните места, се овозможува прием и на деца од други делови на Скопје.
Според Герасимовски, голем број родители кои живеат во соседните општини работат во Центар, поради што им е попрактично нивните деца да посетуваат градинка во близина на работното место.
„Сакаме да им излеземе во пресрет и на тие родители. Но, најпрво се запишуваат децата од нашата општина, а потоа останатите“, појасни тој.
Градоначалникот посочи дека општината има и електронски ГИС-портал преку кој е овозможено пријавување за упис во градинките и училиштата.
Тој нагласи дека, за разлика од одредени средини во државата каде што бројот на деца се намалува поради миграцијата, во Центар и оваа година е забележан раст на бројот на запишани деца во градинките и основните училишта.
Според него, зголемувањето на бројот на жители и изградбата на нови станбени објекти бараат постојано планирање и проширување на капацитетите.
Герасимовски порача дека општината ќе продолжи со инвестиции во предучилишното образование, со цел да се задржи достапноста на услугите за сите деца од Центар.